Северна Кореја украла 316 милиони долари во криптовалути за нуклеарната програма

Северна Кореја од 2019 година со кибернетички напади украла криптовалути во вредност поголема од 316 милиони американски долари за да ја финансира својата нуклеарна и ракетна програма, се наведува во тајниот извештај на Обединетите нации, во кој увид имала агенцијата AFP.

Извештајот го направила комисијата којашто го надгледува спроведувањето на меѓународните санкции врз Северна Кореја, а во него се наведува дека „вкупната кражба на виртуелниот капитал од 2019 до ноември 2020 година се проценува на околу 316,4 милиони долари“, открива членка на ОН, пренесува AFP.

Финансиски институции биле хакирани за да создаваат приходи за севернокорејското развивање на нуклеарно оружје и балистички проектили, се додава во цитираниот извештај. Поголемиот дел од средствата доаѓале од две кражби изведени кон крајот на минатата година.

Според извештаите на западните разузнавачки агенции, Пјонгјанг управува со војска од илјада хакери кои напаѓале компании и институции во Јужна Кореја, која е позната како најголема светска берза на криптовалутите, како и на други места во светот. Северна Кореја и претходно беше обвинувана дека хакирањата ги користи за остварување финансиски добивки.

Изолираната комунистичка земја е под низа меѓународни санкции поради забранетите програми за нуклеарно и балистичко вооружување кои напредуваа откако на чело на земјата дојде Ки Џонг-ун.

Преговорите меѓу Ким и поранешниот американски претседател Доналд Трамп во февруари 2019 година во Ханој беа прекинати поради прашањата за укинување на санкциите и она што Пјонгјанг е подготвен да го стори во замена. Нуклеарните преговори оттогаш тапкаат в место, а Северна Кореја во меѓувреме ги покажа своите нови ракети на воените паради ланскиот октомври и овој јануари, кога Ким порача дека ќе ги јакне нуклеарните капацитетит на земјата.