Северна Кореја има 20 до 60 атомски бомби

Јужнокорејскиот министер за обединување им рече на членовите на парламентот дека Северна Кореја има помеѓу 20 и 60 бомби во својот нуклеарен арсенал.

Ова е прв пат еден висок јужнокорејски официјален претставник јавно да зборува за обемот на тајниот арсенал на нуклеарното оружје на Пјонгјанг, соопшти АП.
Министерот Чо Мјонг-Гјон го изјави ова во понеделникот, како одговор на прашањето на пратениците, потенцирајќи дека овие информации се добиени од разузнавачките служби.

Министерството за обединување денеска изјави дека изјавата на Чо не значи дека Јужна Кореја ќе ја прифати Северна Кореја како нуклеарна држава, наведува АП.

Ова, според агенцијата, укажува на тоа дека Сеул ќе продолжи да вложува дипломатски напори за да Пјонгјанг ја затвори својата нуклеарна програма.