Северна Кореја објави дека има лек за МЕРС, ебола, САРС и СИДА

Северна Кореја објави денес дека нашла лек што може да спречи и да излекува болести како што се МЕРС, ебола, САРС и СИДА, пренесува Б92, повикувајќи се на АП.

Северна Кореја, земјата која е мошне затворена и која е критикувана поради нејзината нуклеарна програма, не даде никакви докази за ова тврдење, па затоа голем број земји се скептични за ова тврдење.

Официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА јави дека севернокорејските научници го развиле лекот Кумдаг – 2 од гинсенг и други состојки.

Северна Кореја се фалеше со истиот лек во времето на епидемијата на птичјиот грип во 2006-та и 2013-тата година. Инаку, оваа објава следи додека во спротивставената Јужна Кореја се борат со блискоисточниот респираторен синдром МЕРС од кој починаа околу 20 лица, а повеќе од 160 се заразени минатиот месец.

Не постои вакцина за оваа болест. Инаку, МЕРС беше откриен за прв пат во 2012-тата година и најчесто од него луѓето заболуваат во Саудиска Арабија. Овој вирус припаѓа на семејството коронавируси слично како обичната настинка и САРС и може да предизвика грозници, проблеми со дишењето, воспаление на белите дробови и откажување на бубрезите.

Се верува дека вирусот прво е пренесен од камили, но може да се пренесува и преку човечките флуиди.