Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ, побараа Бугарија, Грција, Романија и Хрватска

Категорична поддршка на членството на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ искажале шефовите на дипломатиите на Бугарија Екатерина Захариева, на Грција Никос Дендиас, на Романија Рамона Манеску и на Хрватска Гордан Грлиќ – Радман на средбата одржана во Њујорк во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации.

Како што соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, првите дипломатии на овие четири балкански земји членки на ЕУ на средбата направиле преглед на европската интеграција на соседните држави кандидати за членство во Унијата.

– Убедени сме дека ќе бидеме посигурни, попросперитетни и побогати, само ако сите наши соседи станат членки на ЕУ, рекла на состанокот шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

Таа посочила дека како што Грција своевремено им помагала на Бугарија, Романија и Хрватска во процесот на евроинтеграција, сега е време тие заедно да ги поддржат и другите држави во регионот да станат дел од ЕУ.

– Бугарија потпиша Договор за пријателство со Република Северна Македонија и тој треба да се спроведе. Албанија, пак, треба да го подобри законодавството и да го усогласи со европското. Бугарија го поддржува започнувањето на преговори за членство и со двете држави, истакнала Захариева.

Грчкиот министер за надворешни работи Дендиас нагласил дека Грција излегува од десетгодишната криза за време на која беше ориентирана кон себе, но сега повторно ќе се ангажира на надворешен план на Балканот и со европските теми.

– Ги поддржуваме Албанија и Северна Македонија за членство во ЕУ, изјавил Дендиас.

Шефот на романската дипломатија Манеску се заложила Бугарија, Грција, Романија и Хрватска да продолжат да ги координираат активностите околу политиката на проширување на ЕУ.

– Треба да ги поддржиме нашите соседи и да го продолжиме ангажманот со кој Бугарија го водеше тој процес за време на своето претседавање со ЕУ. Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија ќе биде голема грешка и сметам дека е дојдено време двете земји да добијат позитивен сигнал, рекла Манеску.

И хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ – Радман го поддржал започнувањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана, а се заложил и за натамошен развој на добрососедските односи во регионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.