Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун повторно исчезна!

Откако се појави на отворањето на фабрика на почетокот на мај и ги демантираше шпекулациите дека е мртов, лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, повторно исчезна од јавноста. Токму од настанот во фабриката што се одржа на 1 мај и кој беше проследен од мал милион камери и новинари, севернокорејскиот лидер се нема појавено во јавноста.

– Можеби е на терен и отвора нови фабрики, а тоа би можело да значи дека е добро. Ние ги викаме „затворено кралство“, бидејќи многу тешко се добиваат информации од Северна Кореја. Објавија фотографии дека е жив и здрав, па ние претпоставуваме дека е така – изјави за „Bloomberg“, Роберт О’Брајан, советник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, тој исто така нагласи дека САД не можат да кажат дали фотографиите од Ким се вистински или се лажни.

Во меѓувреме, во јавноста се појавија шпекулации дека Северна Кореја наводно го заклучила градот Расон на североистокот на земјата, во близина на границата со Кина и со Русија. Како што пишува „Bloomberg“, некои сметаат дека таму престојува лидерот Ким Јонг Ун, а други, пак, сметаат дека пандемијата на коронавирусот стигнала и во Северна Кореја.