Севернокорејските проектили можат да ја достигнат Европа, тврди германското разузнавање

Севернокорејските балистички проектили сега може да бидат опремени со нуклеарна боева глава, би можеле да достигнат цели во Германија и во централна Европа, соопштил високиот функционер на Федералната разузнавачка служба (Bundesnachrichtendienst – BND) пред германските пратеници претходно оваа седмица, пишува весникот Bild am Sonntag.

Заменикот директот на BND, Оле Диел изјави пред пратениците на средбата затворена за јавноста, дека оваа процена е „сигурна“, наведува весникот повикувајќи се на учесниците на доверливиот брифинг. Истовремено додал дека германското разузнавање оценува дека преговорите меѓу Северна и Јужна Кореја се позитивен сигнал.

Од BND сѐ уште официјално не го коментираа пишувањето на Bild am Sonntag.

Висок севернокорејски дипломат во неделата отпатувал во Финска на средба со поранешни американски и јужнокорејски функционери, според пишувањето на јужнокорејската службена новинска агенција Ypnhap, во рамките на низата дипломатски средби пред можниот самит меѓу САД и Северна Кореја.

Пјонгјанг тврди дека развојот на неговите нуклеарни и ракетни програми за кои наведува дека веќе може да достигнат цели на американскиот континент му се неопходни поради одвраќање на заканата од американска инвазија, имајќи предвид дека САД во соседната Јужна Кореја имаат постојано стационирани 28.500 војници со најмодерно вооружување.