Севилја со среќа преку Интер до рекордната шеста титула во ЛЕ

Sevilla FC and Inter Milan in Cologne, Germany 21 August 2020. EPA-EFE/Martin Meissner / POOL

Фудбалерите на Севилја рекореден шести пат вкупно триумфираа во Лига Европа и претходниот Куп на УЕФА, откако во петокот вечрета во Келн со 3:2 го совладаа фаворизираниот милански Интер со 3:2.

Финалето донесе извонреден фудбал, особено во првото полувреме кога беа постигнати четири погодоци. Веќе во 3 минута Ромелу Лукаку му побегна на својот чувар Диего Карлос кој успеа да го запре со повлекување за дресот, а бидејќи тоа се одигра во шеснаесетникот, холандскиот судија Меккеле покажа на белата точка. Иако голманот на Севилја, Буну ја погоди страната во која ќе шутира Лукаку, сепак ударот на Белгиецот беше премногу прецизен и Интер поведе.

Веднаш по примениот погодок Севилја силно тргна кон противничкиот гол, го стера Интер во неговиот шеснаесетник и таквиот пристап резултираше со израмнување веќе во 12 минута. Шпанската екипа во кус период упати неколку опасни нафрлувања во казнениот простор на Интер чијашто одбрана успеваше ефикасно да расчисти, за по нафрлувањето на Жезус Навас, Лук де Јонг втрча пред Диего Годин и о глава во пар ја погоди мрежата на Самир Ханданович.

По само пет минути играчите на Интер жестоко реагираа дека се драстично оштетени. Бареља се обиде да го проигра Лукако во шеснаесетникот на Севилја, но неговото додавање беше запрено од раката на Диего Карлос, но судијата Маккеле не реагираше. Арбитарот не попушти и пред жолчните протести на играчите и водството на италијанскиот претставник, а ниту судијата во ВАР-собара, Кевин Блом, не му укажа на главниот судија на теренот дека имало игра со рака за пенал.

Севилја направи резултатски пресврт во 33 минута, кога на 30-ина метри откосо од десната страна од голот на Интер беше досуден слободен удар шпанскиот тим. Банега ја нафрли топката на втората статива каде што Де Јонг го натското Д’Амброзио и го погоди спротивниот агол на немоќниот Ханданович.

Сепак, Интер брзо ја врати резултатската рамнотежа. Само две минути по примениот погодок, Лукаку избори слободен удар во речиси идентична позиција како и претходно Банега. Нафрлувањето на Марсело Брозовиќ дојде до главата на Годин кој од пет метри ја заби топката во противничката мрежа.

На почетокот од второто полувреме Интер изведе брза и прецизна акција, топката идеално стаса за удар на Гаљардини од врвот на шеснаесетникот, но овој не ја зафати најдобро топката па Навас успеа да ги блокира неговиот удар. Според рецептот од полуфиналето против Манчестер Јунајтед, Севилја на средината од вториот дел се обиде да го умртви темпото на играта, но сепак Интер уште еднаш успеа да се закани. Лукаку во 65 минута им избега на своите чувари и силно тргна кон голот, но Буну правовремено истрча  и му влезе во шутот.

Иако настаните на теренот не навестуваа таков расплет, Севилја поведе во 74 минута. Банега изведе слободен удар од десната страна, бековите на Интер не успеаја добро да ја расчистат ситуацијата, а еден од послабите играчи на мечот, стоперот на шпанскиот тим Диего Карлос со „ножички“ ја зафати топката. Се доби впечаток дека топката ќе заврши крај голот, но Лукаку несреќно ја постави ногата и таа скршна над главата над Хандоанович.

По примениот погодок тренерот на Интер, Антонио Конте направи три измени, ги воведе Ериксен, Мозес и Алексис Санчез и токму овие тројца во 82 минута создадоа идеална шанса за израмнување. Но Мозес лошо ја зафати типката од седум-осум метри од голот на Севилја, додека Алексис беше кус во обидот шутот на својот соиграч да го пренасочи во голот, па од самата гол-линија одбраната на Шпанците ја отстрани опасноста.

Во самата завршница играчите на Севилја ја опстуираа играта и го оневозможија Интер да развие посериозна акција. И покрај тоа, на почетокот од судиското продолжение Интер создаде убава можност откако Брозовиќ нафрли од десната страна, на првата статива втрча Кандрева, но неговиот обид одлично го одбрани Буну.

 

Севилја и шпанските клубови најуспешни во ЛЕ

За Севилја ова е шестата титула во Лига Европа во исто толку финални натпревари, откако во 2006, 2007, 2014, 2015 и 2016 година, додека Интер остана на три титули освоени во 1990-те години во тогашниот Куп УЕФА, односно во 1991, 1994 и 1998 година. За „Нераѕурите“ ова беше петто финале и втор пораз. Интер последен пат славеше во ова натпреварување славеше во 1998 година кога го совлада Лацио со 3:0.

Ова беше прва средба меѓу Севилја и Интер во натпреварувањата под покровителство на УЕФА. Досега Севилја имаше 13 натпревари со екипи од Италија, во кои оствари шест победи, двапати одигра нерешено а пет пати беше поразена. Интер, пак, многу почесто играа против клубови од Шпанија, на 43 средби оствари 14 победи, 11 пати ремизираше и претрпе 18 порази

Севилја е рекордер со шест титули, а воедно е и единствениот куп кој освои три титули во низа. Шпанскиот тим, Севилја ја одбрани насловот во Купот на УЕФА во 2006 и 2007, а во Лига Европа во 2014, 2015 и 2016 година.

По три тутули во ова натпреварување имаат Ливерпул, Јувентус, Интер и Атлетико Мадрид, додека по двапати славеа Борусија Менхенгладбах, Тотенхем, Фејенорд, Гетеборг, Реал Мадрид, Парма и Порто.

Најголеми трагичари во ова натпреварување се Бенфика и Олимпик Марсеј, кои имаат играно во три финални дуела и три пораза.

Најмногу наслови победник во Купот на УЕФА и Лига Европа имаат шпанските клубови, кои славеа 12 пати. Италијанските и Англиските клубови имаат по девет пехари, германските шест, а холанѓаните четири титули.