Шахпаска: Експертите да конкурираат за избор во Комисијата за заштита од дискриминација

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги повикува сите оние кои се стручни во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата и ги исполнуваат законските услови, да се јават на огласот за избор на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, кој Собранието на Република Северна Македонија е должно да го објави во рок 15 дена од стапувањето на сила на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

– Ги повикувам сите што имаат стручно познавање и искуство во делот на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата да се јават на огласот и низ транспарентен процес да бидат избрани најдобрите кандидати. Граѓаните тоа го очекуваат. Обезбедени се услови за создавање на независна, професионална и ефикасна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, чијашто задача ќе биде заштита на граѓаните кои се дискриминирани по кој било основ – порача министерката Шахпаска, по изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Таа оцени дека овој Закон е од исклучително значење за граѓаните и за државата, особено што сега јасно се дефинирани основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива.

– Концептот едно општество за сите подразбира почитување на различностите, борба против дискриминацијата, еднакви права и слободи за сите граѓани. Владата и Министерството за труд и социјална политика посветено работат за негова реализација – истакна Шахпаска.