Шахпаска не знае кога ќе се донесе законот за докуп на стаж

Носење на законот за докуп на стаж е процес што ќе трае, а ние ќе го исполниме нашето изборно ветување дадено пред граѓаните, порача денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа не одговори кога може да се очекува законското решение, но тврди дека до 2024 година законот ќе биде во сила.

Шахпаска рече дека прво треба да се подготви централен регистар на сите осигуреници во државата, паралелно е предвидено до крајот на јуни да се донесе новиот закон за вработување на лицата со инвалидност, а потоа и законските решенија кои се составен дел од, како што нагласи, сериозната реформа.

„Во владината програма рековме дека ова прашање ќе биде регулирано со закон, но не кажавме временска рамка кога треба да се заврши. Реформите што течат и кои се однесуваат на пензискиот систем, а се со поддршка на Светска банка, имаат своја временска рамка до почетокот на 2024 година. Јас не можам да ви дадам конкретни одговори зашто тоа е процес што бара сериозна дебата, а информациите, податоците, последиците кои ќе треба да се дефинираат во тој закон секако ќе зависат и од законското решение за системскиот закон за работни односи кој е првиот што треба да биде заокружен до крајот на оваа година“, објасни Шахпаска.

Таа вели дека во моментов интензивно се работи на системското законско решение за работни односи и интензивирани се активностите на работната група.

„Тоа е првиот приоритетен закон што треба да се донесе годинава, а потоа и законот за безбедност и здравје при работа. Паралелно се работи и на проектот за воспоставување централен регистар на осигуреници, носење на нови закон за вработување лица со попреченост, како и на реформите во пензискиот систем. Сите овие проекти имаат своја временска рамка и согласно тоа се одвива динамиката. Пандемијата забави дел од процесите што се одвиваа лани, но се надевам дека оваа година, со поинтензивна работа, ќе се заокружат овие законски решенија“, информира Шахпаска.