Шахпаска: Недела неработен ден, секое министерство ќе треба да ги приспособува законите за своите сектори

Министерството за труд и социјална политика ги очекува повратните информации од другите министерства за предлог-измените во Законот за работни односи со кои недела се прогласува за неработен ден. Нацрт-верзијата е готова и таа дефинира дека недела е неработен ден доколку со друг закон или колективен договор не е решено поинаку.

Во тие други закони, приспособувањата треба да ги направат другите министерства и затоа засега е нејасно кој ќе работи, а кој ќе одмара во недела.

„Ја правиме измената во системскиот – Законот за работни односи кој ја дава главната насока дека недела треба да биде неработен ден. Оттука, побаравме поддршка и соработка од сите министерства кои ги адресираат проблемите на различни дејности. На пример, Министерството за економија има најголем дел од материјалните закони кои се однесуваат во регулирање на материјата, пред сè говорам за угостителство, трговија, туризам… Дополнително, Министерството за транспорт и врски ги регулира областите во делот на јавниот превоз кој знаеме дека функционира и во недела, околу тоа колкав ќе биде опфатот, дали сите ќе работат непрекинато како и во обичен работен ден“, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Откако ќе се донесат измените, рече таа, сакаат да дадат период кој ќе им биде неопходен на другите министерства за да ги адаптираат своите закони.

Пред да се донесат измените, односно откако министерствата ќе дадат поврати информации за предлог-измените, тие ќе се објават на ЕНЕР за да се слушне уште еднаш реакцијата на јавноста, стопанските комори, синдикатите итн.

Засега е познато само дека исклучок од овој закон ќе бидат секторите како здравство, полиција, противпожарна служба…

„Имавме консултации меѓуресорски со различни министерства и очекуваме заеднички да го изградиме ставот за тоа кои дејности и области би биле изземени со овој закон. Ние со носењето на законот сакаме да овозможиме непречено функционирање на витално важните функции, тоа значи 24-часовна покриеност на неопходните вредности, како што се здравство, полиција, противпожарните служби, комуналните служби и други. Останува да добиеме повратна информација од министерствата кои имаат простор во следната седмица да ја видат драфт-верзијата, да ги испратат сугестиите“, рече Шахпаска.