Шахпаска: Се уште не се знае причината за смртта на 11-годишниот Илче

Министерството за труд и социјална работа се уште ги нема добиено резултатите од обдукцијата на телото на 11-годишниот Илче од Охрид, кој беше оставен од своите родители, а потоа сместен во мал групен дом во Демир Капија, кои треба да ја утврдат причината за неговата ненадејна смрт.

– Се потрудивме да му овозможиме услови да биде сместен пристојно и да добие соодветна заштита и грижа по престојот на Клиниката за детски болести каде тој беше сместен две недели, а од 7 август беше сместен во Демир Капија во мал групен дом. Тој во малиот групен дом постојано бил под надзор од матичен лекар и има постојана здравствена заштита по излегувањето од болница. За време на престојот во домот неговата здравствена состојба била добра. Денот кога Илче почина негователката која се грижела кога видела дека наеднаш починал, повикала матичен лекар кој пак се јавил во полиција. Вклучен е и јавен обвинител и институциите постапуваат согласно закон. Беше индицирана обдукција, тоа е завршено и кога ќе ги имаме резултатите ќе знаеме која е вистинската причина за смртта, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по посетата на мал групен дом во Скопје.

Таа посочи дека за едно дете најдобрата поддршка ја дава семеството, но кога тоа станува дисфункционално тогаш настапуваат институциите и им помагаат на таквите семејства. Социјалната реформа која беше спроведена, според Шахпаска, треба да го подобри системот за грижа за овие лица и тие побрзо да добиваат заштита.

-Новиот Закон за социјална заштита со кој почна да се спроведува социјалната реформа треба да овозможи  социјалните и стручните работниции, професионалците полесно да ги регрутираат семејствата од терен кои имаат социјални проблеми. Се воспостави нов начин на работа за менаџирање со случај каде еден стручен работник водач на тимот се грижи за цело семејство. Тој ги собира информациите за сите проблеми кои се јавуваат во семејството и наоѓа начин да ги реши, рече Шахпаска.

Таа се согласи дека во одредени случаи се појавуваат и проблеми и побавно фунционирање на системот, но, како што рече, се работи посветено чекор по чекор и ситуацијата видно се менува на терен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.