Шаленберг повтори дека Австрија останува воено неутрална

Австрискиот министер за надворешни работи Александр Шаленберг во средата рече дека неговата земја ќе го задржи неутрелниот статус иако Шведска и Финска направија целосен пресврт во својата надворешна политика под изговор за воената интервенција на Русија во Украина и побараа членство во НАТО.

„Кај нас ситуацијата е малку поинаква“, рече Шаленберг за германското јавно радио Deutschlandfunk, наведувајќи ја „огромната“ поддршка на јавноста за австриската неутралност.

Шаленберг, чијашто земја 80 отсто од потребите од природен гас ги намирува од Русија, рече и дека Австрија попрво ќе продолжи да ѝ пружа хуманитарна помош на Украина, наместо да ѝ испраќа оружје.

„Наголемо помагаме, но не со оружје. Сметам дека помошта на Украина не може да се сведе само на воено вооружување“, истакна шефот на австриската дипломатија.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер претходно во вторникот во чешката престолнина Прага истакна дека членството во НАТО за Австрија не доаѓа предвид. „Австрија беше, е, и ќе остане неутрална“, рече канцеларот. Според Нехамер, не се поставува прашањето за членството на Австрија во НАТО, бидејќи, како што кажа, таа има сосема поинаква историја од Шведска и Финска. Потсети дека двете земји се прогласиле за неутрални и имаат заедничка граница со Русија.

Австриската министерка за одбрана Клаудија Танер, исто така, истакна дека секоја земја сама треба да одлучи дали ќе влезе во сојуз. Во Австрија, посочи таа, состојбата уставно-правно е јасна и неутралноста е дел од Уставот. Танер, исто така, кажа и дека „неутралноста е во срцата на Австријците“.

Во средата Шведска и Финска официјално побараа прием во НАТО, што е една до најзначајните промени во безбедносната архитектура на Европа во последните неколку децении, и заокружувањето на Русија од страна на Северноатлантскиот воен сојуз. Финска, на пример, има 1.300 километри долга граница со Русија.

Швајцарија, којашто историски е позната по неутралниот воен и политички статус, па така не е ниту членка на Европската унија, исто така, наклонува кон придружувањето на НАТО, изјави на почетокот од мај за Reuters неименуван претставник на министерството за одбрана.