Шалке ремизираше со Штутгарт и ја продолжи низата без победи

Во првиот натпревар од шестото коло на германското фудбалско првенство, во Гелзеркирхен домашниот Шалке 04 ремизираше со Штутгарт 1:1.

Домашните поведоа во 30 минута со погодокот на Малик Тиав, а гостите израмнија кога во 56 минута пенал реализираше Николас Гонзалес.

Штутгарт моментално со девет бодови од шест натпревари е на шестото место на табелата, а Шалке е на претпоследното 17-то место со само два бода, а зад него е само Мајнц кој сѐ уште е без бодови. Во водство е РБ Лајпциг со 13 бодови, еден повеќе од Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.

Ова беше 22 првенствен натпревар по ред во кој тимот на Шалке не успева да победи, шест во оваа и 16 во минатата сезона. Сепак, Шалке е сѐ уште далеку од рекордот на Бундеслигата кој го држи клубот Тасманија 1900 Берлин кој е згаснат во 1973 година. Неговата екипа според официјалните податоци на Бундеслигата во својата единствена сезона 1965/1966 година освоила само 10 бодови, со гол разлика минус 93, врзувајќи дури 31 натпревар без победа.

Во сабота на распоред се пет мечеви од шестото коло, а се среќаваат: Арминија – Борусија Дортмунд, Аугсбург – Мајнц, Ајнтрахт – Вердер, Келн – Барн Минхен (сите започнуваат во 15,30 часот) и дербито Борусија Менхенгладбах – РБ Лајпциг кое е закажано за 18,30 часот.

Во недела во 15,30 часот се среќаваат Фрејбург и Баер Леверкузан, а од 18 часот играат Херта и Волфсбург. Во понеделник колото ќе го заокружи дуелот меѓу Хофенхајм и Унион Берлин кој е закажан за 20,30 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.