Неверојатната серија на германскиот бундеслигаш Шалке 04 без победа во првенството продолжи и во неделата откако одигра 1:1 со Унион Берлин во рамките на четвртото коло од националното првенство.
Тимот од Гелзенкирхен веќе 20 натпревари е без победа во националното првенство, четири во оваа и 16 во минатата сезона. Сепак, Шалке е сѐ уште далеку од рекордот на Бундеслигата кој го држи клубот Тасманија 1900 Берлин кој е згаснат во 1973 година. Неговата екипа според официјалните податоци на Бундеслигата во својата единствена сезона 1965/1966 година освоила само 10 бодови, со гол разлика минус 93, врзувајќи дури 31 натпревар без победа.
Последната победа Шалке 04 ја има забележано во јануари годинава против Борусија Менхенгладбах од 2:0, а потоа врза 13 порази и седум мечеви без победник.
Шалке и во дуелот со Унион Берлин беше на работ на пораз, откако гостите поведоа во 55 минута со голот на Марвин Фридрих. Израмни Гонсало Пациенција во 69 минута.
За утеха ова беше првиот бод оваа сезона за Шалке по трите воведни пораза, со кој е на претпоследното 17-то место пред Мајнц кој сѐ уште нема освоено ниеден бод. Унион Берлин, пак, 10-ти со пет бода.
И мечот меѓу Келн и Ајнтрахт од Франкфурт заврши со резултатот 1:1. Гостите поведоа во последните моменти од првото полувреме од пеналот кој го реализираше Андре Силва, а во 52 минута израмни Ондреј Дуда.
И за Келн ова беше првиот бод оваа сезона, но поради подобрата гол-разлика е на 16-то место, а Ајнтрахт е 4-ти со осум бодови.
На табелата води РБ Лајпциг со 10 бодови, додека Баерн Минхен и Борусија Дортмунд имаат по бод помалку.