„Шанса за Центар“ мапира 100 јавни објекти во Скопје кои горат мазут и нафта

-За што се зборува воопшто кога јавни институции го загадуваат воздухот во Скопје со греење на мазут или нафта за домаќинствата, велат од „Шанса за Центар“, од каде нагласуваат дека изброиле 100 институции кои го загадуваат воздухот, но дека сигурно ги има уште. „Празните муабети, што ги расфрлаат големите партии нема да го решат проблемот со загадувањето на воздухот од кој секоја година прерано губиме луѓе“, велат од организацијата и нагласуваат дека само за една сезона станува збор за количина на изгорена нафта колку што има вода во олимписки базен !

Ние сме уверени дека нема магично, ниту брзо решение на проблемо со загадениот воздух кој го дишеме. Загадувањето доаѓа од многу страни и потребни се многу пристапи. Затоа, се насочивме да дополниме уште еден дел во мозаикот. За да им помогнеме на институциите да ги согледаат сите страни на проблемот изработивме мапа која го покажува уделот на јавните институции во редот на загадувачите.

Ги мапиравме јавните објекти и установи кои се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство. Мазутот е исклучително ‘валкан’ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво кое содржи многу повеќе сулфур отколку на пример највалканото автомобилско гориво – дизелот!

Количината на мазут и нафта за домаќинство која тие ја согоруваат е голема.

На пример, ЈСП во своите автобази, Железници транспорт и Клиниката за физикална медицина и рехабилитација ќе согорат стотици илјади килограми мазут сезонава.

Со нафтата за домаќинство пак која се гори во една сезона може да се наполни повеќе од олимписки базен. А тоа потоа го дишеме. Според договорите за јавни набавки за една сезона во скопската котлина може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство!

На нафта за домаќинство се огромен број на училишта, градинки и болници во целиот град. Дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле користи нафта за домаќинство.

Во скопската котлина една јавна установа – затворот Идризово, ќе изгори и 550 тони јаглен за загревање. Сето тоа заедно исто така придонесува за загадувањето на воздухот!

За да се промени начинот на греење кај домаќинствата е потребно повеќе време, напор, работа со граѓаните и пред сѐ прифатливи алтернативи за нив. Но за да се промени начинот на греење кај институциите е полесно. Потребна е главно политичка волја и одлучност да се пристапи кон решавање на проблемот и таму да се насочат сериозни пари од буџетот.

Ова е причина повеќе, покрај другите мерки, и да се продолжи со проширувањето на мрежата за парно греење на која треба да се приклучат сите јавни институции кои имаат пристап до неа. Општините пак да работат на забрзана замена на начинот на греење на оние јавни објекти кои се во нивна надлежности, а на кои градското парно им е недостапно“, соопштија од „Шанса за Центар“.