Шефицата на ММФ смета дека половина ЕУ ќе биде во рецесија во 2023-та поради војната во Украина

Годинава во којашто штотуку влезе светот ќе биде тешка за поголемиот дел од светската економија, половина од земјите во Европската унија ќе влезат во рецесија поради војната во Украина, оцени директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF), Кристалина Георгиева во интервјуто за американската телевизиска мрежа CBS News емитувано во неделата.

Од Георгиева беше барано да го коментира еден од последните извештаи на ММФ во кој се предвидува „година на превирања“, како и дека „најлошото доправ следува“.

„Тоа е она што ќе го гледаме во 2023 година. За поголемиот дел од светската економија ова ќе биде тешка година, потешка од онаа којашто ја оставивме зад нас. Зошто? Затоа што стапките на раст на трите најголеми светски економии – САД, ЕУ и Кина, истовремено забавуваат“, вели челничката на ММФ во интервјуто снимено претходно во декември.

Земјите членки на Европската унија, продолжува Георгиева, „многу сериозни настрадаат поради инвазијата на Русија во Украина“, и истакнува дека „следната година половината од Европската унија ќе биде во рецесија“.

На прашањето дали многу европски влади ќе паднат во тој случај, Георгиева е оптимист и вели дека „владите функционираат совршено во неверојатно тешки услови“ и е изразува увереност дека „тие нема да пропаднат“.

„Има уште една извонредна работа, се покажа дек светот всушност е поотпорен отколку што мислевме пред една година. Ја следиме реакцијата на енергетските шокови во Европа, а Европа решително се движи кон (енергетска) независност од Русија“, вели Георгиева.

Изразувајќи уверување дека независноста на Европа од испораките на досега евтините руски енергенси „дефинитивно ќе се случи“, предвидува дека на земјите на Стариот континент им претстои тешка зима, и предупредува дека следната можеби уште потешка.

„Да, ќе има тешка зима, можно е следната да биде уште потешка, но доаѓа слободата од зависноста од Русија. Тоа ќе биде постигнато“, вели шефицата на ММФ потврдувајќи ги процените на Фондот дека „третина од светската економија ќе биде во рецесија“ во 2023 година.