Шефилд и Манчестер Јунајтед ремизираа во меч со пресврти

EPA-EFE/PETER POWELL

Фудбалерите на Шефилд Јунајтед и на Манчестер Јунајтед одиграа 3:3 во последниот натпревар од 13-то коло на англиската Премиер лига.

Во мечот пред 32 илјади гледачи, а кој го одбележаа големите пресврти, домашните водеа со 2:0, а гостите од Манчестер за само седум минути дојдоа од пресврт и водство до 3:2, за Шефилд во последната минута да спаси бод.

За Шефилд стрелци беа Џон Флек во 19, Лис Мусе во 52 и Оливер Макберни во првата минута од судиското продолжение, а за „Црвените ѓаволи“ погодоците ги постигнаа Брендон Вилијамс во 72, Мејсон Гринвуд во 77 и Маркус Рашфорд во 79 минута.

Деветнаесетгодишниот Вилијамс го постигна својот прв погодок во дресот на Манчестер Јунајтед, додека Гринвуд со 18 години и 54 дена стана третиот најмлад играч кои постигнал погодок за клуб во Премиер лигата.

Манчестер Јунајтед е без победа на 12 последователни гостувања во првенството, што е најлошата серија на клубот од сезоната 1985/1986 година, кога Јунајтед беше без победа на 15 натпревари во низа. Шефилд, пак, не загуби на шест натпревари во серија, во кои забележа две победи и четири ремија, последен пат екипата на Крис Вилдер беше поразен од Ливепрул на домашен терен со 0:1.

На првенствената табела Шефилд е шести со 18 бодови, додека Манчестер Јунајтед е деветти со 17 бодови.

На врвот на табелата е Ливерпул со 37 бодови, осум повеќе од второпласираниот Лестер и девет повеќе од актулениот шампион Манчетсер Сити, додека Челзи е четврти со 26 бодови.