Шефот на британската дипломатија: Ќе ја поддржуваме Украина до нејзината победа во војната

Велика Британија поседува „стратешка издржливост“ да ја донесе Украина до победата во војната со Русија, порача во вторникот британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, во една од најјасните изјави од Лондон за своето директно учество во украинската војна.

Британија е еден од најголемите воени и политички поддржувачи на власта во Киев, со тешко и напредно вооружување, обука на војниците, разузнавачки информации, испраќање воени ветерани и активни војници како доброволци во украинската војска, инструктори и воени команданти на теренот.

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон, исто така, ненадејно допатува во Киев на почетокот од април, кога една седмица претходно по средбата на украинските и руските преговарачи во Истанбул беше објавено дека двете страни значително ги приближиле ставовите за прекин на непријателствата.

Агенцијата Reuters пишува дека Клеверли на конвенцијата на владејачката Конзервативна партија ќе изјави дека Британците не биле „само коментатори“ на светските настани, туку и „играчи на теренот“, како и дека Лондон верува дека „агресорите не смеат неказнето да ги напаѓаат своите соседи“.

„Поради тоа стоиме рамо до рамо со храбрите Украинци кои ја бранат својата татковина. А Британија има стратешка издржливост да ги доведе до победата“, ќе каже подоцна во вторникот Клеверли, според исечоците од неговиот говор кои однапред ги објавија неговите „ториевци“.

„Ќе ги поддржуваме додека не се добие оваа војна. Ќе ги поддржуваме додека не им се врати суверенитетот. Никогаш нема да ја признаеме анексијата на Луганск, Доњецк Херсон, Запорожје или Крим. Тие се Украина, а кога Украина ќе победи во оваа војна, ние ќе ги поддржиме кога ќе ги обновуваат своите домови, својата економија и своето општество“, ќе каже подоцна денеска шефот на британската дипломатија, поранешен рекламен агент и претприемач.