Шефот на „Хјуман рајтс воч“ поднесува оставка по речиси 30 години

Долгогодишниот шеф на невладината организација „Хјуман рајтс воч“, Кенет Рот летово ќе поднесе оставка од функцијата извршен директор. Тој е речиси три децении на чело на организацијата.

Од август, функцијата ќе ја извршува неговата сегашна заменичка Тирана Хасан.

– Имав огромна привилегија да поминам речиси 30 години градејќи ја организацијата, што стана водечка сила за одбрана на правата на луѓето низ светот, изјави Рот.

Тој ја предводеше организацијата кога доби Нобелова награда за мир во 1997 година, за напорите да се забранат противпешадиски нагазни мини.

Организацијата се залагаше и за основањето на Меѓународниот кривичен суд за гонење на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

Кога Рот стана извршен директор во 1993 година, организацијата имаше околу 60 вработени и седум милиони долари годишен буџет. Сега има над 550 вработени во повеќе од 100 земји и околу сто милиони долари буџет за кампањи против кршење на човекови права.

Евреин е, а често е напаѓан поради критикување за кршење права од страна на израелската Влада.

Кинеската Влада воведе санкции против Рот и го протера од Хонг Конг.

Изминатите години, тој особено се занимаваше со злосторствата за време на војната во Сирија, како и за кинеската репресија на Ујгурите во Ксинџијанг.

По терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година, организацијата откри употреба на „црни точки“ на кои американски официјални лица испрашуваа и мачеа осомничени за тероризам.

Групата вршеше притисок на американската Влада да истражи и кривично да ги гони тие, кои се одговорни.