Шефот на унгарската дипломатија Сијарто го критикува односот на ЕУ кон западен Балкан

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во средата ја критикуваше политиката на Европската унија кон западен Балкан, тврдејќи дека сегашниот пристап не им помогнал ниту на Унијата ниту на регионот, особено во справувањето со илегалната миграција.

Шефот на унгарската дипломатија престојува во работна посета на Босна и Херцеговина. По средбата со министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, изјави дека смета на позитивниот однос на новите власти во Босна и Херцеговина кон Унгарија и дека Будимпешта ќе продолжи да биде одлучен застапник за најбрз можен пристап на Босна и Херцеговина до Европската унија, бидејќи тоа е во заеднички интерес.

„Додека целиот европски континент се соочува со тешки предизвици предизвикани од војната во Украина, Унгарија е под притисок, не само поради воената ситуација, туку и поради илегалната миграција од југот“, рече Сијарто.

Шефот на унгарската дипломатија тврди дека сегашната ситуација е доказ колку ЕУ згрешила што во изминатите години посилно не го поттикнувала процесот на проширување кон западен Балкан, бидејќи доколку овој регион веќе бил дел од Унијата, би можел многу поефикасно да се соочи со актуелните проблеми.

Сијарто посочи дека Унгарија само во 2022 година запрела 265.000 илегални мигранти на нејзините јужни граници. Додаде дека Унгарија сака побрзо проширување на ЕУ, за разлика од некои други европски земји кои само вербално го поддржуваат процесот.

„Ги повикуваме тие членки на ЕУ да престанат да го блокираат процесот на проширување“, рече унгарскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека Будимпешта очекува Брисел да преземе дополнителни чекори кои ќе доведат до побрза интеграција на Босна и Херцеговина.

Потврди и дека Унгарија е цврсто против санкциите, бидејќи смета дека тоа е механизам кој не дава резултати.

„Така е и сега со санкциите од Брисел. Ние сме против воведување санкции за западен Балкан“, рече Сијарто додавајќи дека оние кои се залагаат за санкции „немаат поим“ каква е ситуацијата во тој регион. Заедно со европските партнери, тој ги критикуваше и САД за критиките на властите во Будимпешта, тврдејќи дека тоа е „недозволиво мешање на бирократите од Вашингтон“ во внатрешните работи на другите земји.

Унгарската влада со години одржува срдечни односи со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, а Будимпешта претходно најави дека ќе го искористи своето членство во Европската унија за да го блокира секој обид за воведување санкции за лидерот на босанските Срби.

Влијателните западни земји како Германија се склони да го санкционираат Додик поради неговата наводна сецесионистичка реторика и поткопување на Дејтонскиот договор, а Унгарија е единствената членка на ЕУ која досега експлицитно се противи на тоа. Од Бања Лука, пак, му возвраќаат на Брисел дека токму поддршката на босанскохерцеговските власти во Сараево за одземање на некои ингеренции на Република Српска претставува кршење на Дејтонскиот договор и ја ексалира ситуацијата во земјата.

Шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина, Конаковиќ, соработката со Унгарија ја оцени како „многу добра“, додавајќи дека двете земји немаат отворени прашања во меѓусебните односи. Тој ѝ се заблагодари на Унгарија за поддршката на процесот на проширување на ЕУ кон западен Балкан, што е силен поттик за БиХ во спроведувањето на реформите кои се предуслов за членство.

„Уште еднаш заеднички истакнавме дека територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина е несомнен и во тоа нема сомнежи“, рече Конаковиќ, очигледно алудирајќи на блиските односи што владата на Виктор Орбан ги одржува со властите на Република Српска.

По средбите во Сараево, Сијарто отпатува за Требиње, на енергетскиот форум организиран од властите на Република Српска, со цел таму да се сретне со претседателот на ентитетот Додик.