Шехтански негира инцидент, вели 13 навивачи биле приведени без причина

Ванчо Шехтански, адвокат на навивачката група Комити демантира дека имало било каков инцидент после натпреварот Вардар-Слога при кој приведени се и навивачи. За овој настан информиравме и е забележан во билтенот на МВР. Адвокатот Шехтански вели дека 13 навивачи биле приведени без никаков повод и причина.

„Како адвокат на навивачката група Комити, демантирам дека имало било каков инцидент после натпреварот Вардар- Слога, при која наводно се приведени 4 навивачи на Вардар заради каменување полицајци. Вистината е дека синоќа околу 17 часот биле приведени 13 навивачи, без никаков повод и причина. При моето одење во ПС Пролет и Центар, беше наведено од инспекторите кои случајно беа од иста националност дека наводно биле нападнати малолетни навивачи од друга група. Меѓутоа такви лица не ни беа посочени, ниту пак имаше повредени, за билтенот на мвр да излезе со крајно спротивен став дека биле каменувани полициски службеници, што е неточно. Односот на инспекторите спрема родителите на приведените недолжни деца навивачи на Вардар беше чуден, а едниот му се обрати вулгарно- дали знае дека син му е комита. Заради немање докази и очигледна намера за конструкција која остана неуспешна, навивачите беа пуштени. Заклучокот од оваа невкусна конструкција е свртување на вниманието на јавноста и префрлање на вината на недолжни деца, со цел да се скрие и тргне вниманието од сквернавењето на МНТ”, реагира адвокат Ванчо Шехтански.