Шекеринска – Ерјавец: Членството во НАТО го отвора патот кон ЕУ

18

Членството на Северна Македонија во НАТО ќе го отвори патот за членство во Европската Унија. Ова го изјави словенечкиот министер за одбрана Карл Ерјавец на средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Бледскиот стратегиски форум.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата беше потврдено искреното пријателство меѓу двете земји, успешната соработка во одбраната и активната поддршка која Словенија и ја дава на Северна Македонија во сите фази на напредок кон интеграциите во НАТО и ЕУ.

– Словенија го ратификуваше протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО веднаш после Грција и тоа беше позитивен сигнал кон регионот и другите земји членки. Сега процесот е при крај. И сигналите од ЕУ за отворање на преговорите во октомври се позитивни, рече Шекеринска и се заблагодари за континуираната поддршка на Словенија.

Ерјавец потврди дека брзата ратификација на протоколот е доказ за искреното пријателство меѓу двете земји.

– Се надевам дека на Самитот на НАТО во декември Северна Македонија ќе биде полноправна членка, а тоа ќе го отвори патот за членство во ЕУ. Така беше и со Словенија. Уверен сум дека ЕУ ќе отвори многу можности за развој на земјата, рече Ерјавец и уште еднаш ја понуди поддршката на својата земја на секој чекор од тој пат.

Двајцата министри договорија засилена соработка во одбраната и експертска помош во реформите на одбранбениот сектор во согласност со стандардите на НАТО.

Средбата се одржа на маргините на Бледскиот стратешки форум каде утрово министерката Шекеринска зборуваше на панелот на тема – иднината на Алијансата 70 години по потпишувањето на Вашингтонскиот договор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.