Шекеринска прашува: За што да дадам оставка, зашто влеговме во НАТО?

Mинистерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на собраниската седница за пратенички прашања, изјави дека претпоставува оти ВМРО-ДПМНЕ од неа очекува оставка.

Таа праша дали треба да даде оставка дека влеговме во НАТО.

-Јас сум за НАТО. Голем дел од вас беа против. За тоа ми барате оставка или ми барате оставка дека првпат кога ќе кажат луѓето дека работат во Армија, не треба да почнат да се жалат од плати, од услови и од заборавеност од државата. Да, од мене барате оставка заради тоа што првпат војската трипати по ред има повисоки плати. Од мене барате оставка затоа што првпат кога ќе видите војник нема да коментирате дека му е стара униформата и искинати чизмите. Барате оставка најверојатно од мене затоа што и сите имаат станбено обезбедување – изјави министерката Шекеринска, одговарајќи на пратеничко прашање од Љупчо Пренџов.

Шекеринска додаде дека првпат нашите кандидати за офицери имаат плата додека се подготвуваат да бидат офицери. Таа посочи дека сите имаат повисоки плати, како што се докторите и сите цивилни лица и додаде дека првпат Армијата ќе има и модерна воена, спортска и алпинистичка опрема.

Министерката посочи дека ќе обезбедат и отприемнина за сите војници кои веќе не сакаат да работат во државна администрација.

Шекеринска изјави дека во овој момент во Армијата на Република Македонија има само двајца генерали кои, како што рече, се избрани и како резултат на нејзин предлог.

-Ги избрал претседателот врз основа на законот, сум можела, сум дала предлог. Тие двајца имаат НАТО-сертификат – изјави Шекеринска.

Министерката за одбрана посочи дека пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат несоодветното додека таа одговора на поставеното прашање.