Шекеринска „принципиелно“- Барала само да не се крадат изборите!

Нова бомба е објавена на социјалните мрежи на која се слуша гласот од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Како што вели објавувачот Ел Чека, овој пат се слуша гласот на Шекеринска и поранешниот вицепремиер, Фатмир Бесими, а станува збор за разговор снимен во 2013 година за време на локалните избори. Во разговорот се слуша како женскиот глас бара од соговорникот, нивниот човек во ДИК, како да гласа по однос на изборната победа на опозицијата во Центар и Куманово.

Според неа доколку има прегласување секаде каде што во прв круг победува опозицијата, тоа ќе го загрози извештајот за Македонија и ќе донесе нова политичка криза.

Шеќеринска објави статус на својот официјален Фејсбук профил во кој ја коментира бомбата.

– Малку се залетаа. И самите покажаа колку не сме исти. Бомбава само потврди која е огромната разлика меѓу нас и нив: тие се закануваат, ние бараме принципиелно да се гласа. Тие крадат, ние бараме да не се крадат победите. Да се признае победата чесно и принципиелно. За жал, ништо не им беше свето и на државата и го приредија срамот со трите прегласувања на локалните избори 2013 година. Можете уште еднаш да се уверите: не сме исти!, пишува Шекеринска.