Шенкер: Русија треба да си замине од Блискиот Исток

Русија треба да „се исчисти од Блискиот Исток”, затоа што таму игра „деструктивна улога”, смета американскиот помошник државен секретар Дејвид Шенкер.

-Тоа е камен-темелникот на американската политика 45 години наназад- Русите да ги задржи подалеку од Блискиот Исток. Сега тие се таму и тие имаат деструктивна улога. И ние, искрено, мислиме дека треба да се исчистат од таму, рече Шенкер на видео конференциска врска на Институтот за Блискиот исток во Вашингтон,јавија американските медиуми.

Зборувајќи за „ривалството на големите сили” во регионот, за кое тој ги подразбира САД, Русија и Кина, американскиот помошник државен секретар истакна дека „САД не ги присилуваат овие земји да направат било каков избор, туку сака да знаат што би можеле да бидат последиците од изборот што ќе го направат”.

Шенкер ја повтори и тезата на американскиот претседател Доналд Трамп дека администрацијата на претходниот претседател Барак Обама „го поздрави доаѓањето на Русите во Сирија” за да му помогне на лидерот на земјата Башар ал-Асад, верувајќи дека заради тоа „Русите ќе заглават во мочуриштето”.

-Русите го сменија текот на војната, а режимот на Асад се уште преживува. Да бидам искрен, мислам дека тоа беше неуспех на администрацијата на Обама, рече тој.

Според него, успехот во Сирија ја натера Русија да преземе активности во Либија, каде сега „не игра продуктивна или стабилизирачка улога”.

Од 2015 година Русија на барање на официјалните сириски власти обезбедува воена и друга помош за Сирија во борбата против тероризмот и реконструкцијата на земјата.

Што се однесува до ситуацијата во Либија, каде внатрешниот вооружен конфликт трае од 2011 година, Русија во повеќе наврати изјави дека не се меша во ситуацијата од ничија страна на овој конфликт и дека не дава воена помош.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.