Шешељ е политичко минато

Стручната јавност во Белград тврди дека времето на Шешељ во политиката е одамна поминато, иако тој по враќањето на аеродромот „Никола Тесла“ беше пречекан од стотици приврзаници на Српската радикална партија и најави дека основна цел му е да ги собори од власт предавничките напредњаци, пишува Нова Македонија.

БЕЛГРАДСКИТЕ АНАЛИТИЧАРИ ОЦЕНУВААТ

Српскиот ултранационалист Војислав Шешељ тешко ќе може да се избори за власта во Белград, а со тоа и тешко ќе може да ги дестабилизира земјата и регионот, ова за „Нова Македонија“ го тврдат српските политички аналитичари.

Стручната јавност во Белград тврди дека времето на Шешељ во политиката е одамна поминато, иако тој по враќањето на аеродромот „Никола Тесла“ беше пречекан од стотици приврзаници на Српската радикална партија и најави дека основна цел му е да ги собори од власт предавничките напредњаци.
Политичкиот аналитичар Милан Николиќ тврди дека доколку Шешељ навистина сака да се активира во политиката и да ја освои власта во земјата, за тоа ќе му треба навистина многу време и работа, а тој тоа го нема.

– Доказ за оваа констатација е нискиот рејтинг на Српската радикална партија, како и самите изјави на оваа тема на власта, која не му се плаши на заканите, наведувајќи дека тој е политичко минато и дека нема да може да ја загрози владата – објаснува Николиќ.

Според аналитичарот, Шешељ теоретски барем би можел да ја освои власта ако ги спои националистите во Србија и луѓето што во овој момент се незадоволни од економско-политичките случувања. Но за овој негов политички потег, според Николиќ, ќе му требаат неколку години или најмалку две години ако сѐ оди како подмачкано до следните избори во земјата.

– Шешељ спаѓа во групата националисти-политичари, кои кога ќе дојдат на власт во Србија нагло ги менуваат својот политички правец и сето она што го зборувале пред изборите. На крајот на краиштата, доказ за оваа констатација е и актуелната власт, која исто како и Шешељ со години го градеше рејтингот на таа националистичка филозофија, но од моментот кога ја формираа власта тие веќе престануваат да се радикални – вели Николиќ.

Со Николиќ се согласува и српскиот аналитичар Александар Радиќ, кој додава дека и самата здравствена состојба не му оди во прилог на Шешељ да ја освои власта во земјата.
– Станува збор за многу болен човек, кој има два карцинома, и не верувам дека е во состојба да ја освои власта во земјата во овој момент. Но, кога би бил здравствено подобар, тој тогаш барем теоретски би можел да се бори за власта, бидејќи реално е искусен политичар и знае да привлече гласачи – резимира Радиќ.