Шешељ: Не се враќам во Хаг, нека ме апсат

Лидерот на Српската радикална партија, Војислав Шешељ денеска изјави дека нема доброволно да се врати во Хашкиот трибунал, како и дека стои зад се што изјавил откако се вратил во Белград, јави Танјуг.

– Да видиме како ќе ме апсат Александар Вучиќ и Томислав Николиќ, изјави Шешељ за „Новости“, додавајќи дека се наоѓа во седиштето на радикалите и дека врши партиски работи.

Шешељ најави дека денеска по пладне ќе биде во Бор, каде ќе зборува на трибина на СРС.

– Нека дојде полиција. Таа апси. Ако дојде жандармерија, таа употребува сила, ќе морам да го чувам својот грб. Нема да биде лесна задача да ме уапсат, изјави лидерот на радикалите.

Шешељ истакна дека државата ќе мора да ја почитува временската постапка за екстрадиција и дека во тој период ќе се обиде да го оспори барањето на Хаг да се врати, бидејќи во Холандија му се загрозени сите права.

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал денеска побара од Судскиот совет итно да ја повлече одлуката за привремено ослободување на лидерот на СРС Воислав Шешељ и да му нареди да се врати во протвор, соопшти денеска Хашкиот трибунал.

Советот за жалби наложи повлекување на одлуката за привремено пуштање на Шешељ на слобода и негово враќање во притворската единица на Трибуналот.

Потоа Србија и Холандија повторно ќе се изјаснат за неговото пуштање на слобода, а Советот за претрес потоа повторно ќе ја процени можноста на Шешељ да му биде дозволено привремено ослободување.

Шешељ е пуштен на слобода со гаранции на српската Влада, иако тој „ги одби“.

Како што претходно беше објавено, неговото привремено пуштање на слобода би подразбирало домашен притвор, полициска придружба за време на движењето од медицински причини, забрана за комуникација со жртвите во врска со неговиот случај, забрана за јавно разгледување на неговиот случај, а се споменуваше и забрана за учество во политичкиот живот, како и за одземање на пасошот.

Сепак Шешељ активно учествуваше во политичкиот живот на Србија, држеше говори на митинзите и учествуваше во акциi на СРП, но од ослобдувањето не зборуваше за работи кои би можеле да бидат поврзани со хашкото обвинение против него.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.