Шеснаесеттиот „Танц фест“ ќе се одржи наесен

Шеснаесетотто издание на Танц фест Скопје наместо во вообичаениот термин во април, ќе се одржи наесен, соопшти Културниот центар „Интерарт“. Претседателот прогласи вонредна состојба поради ширењето на коронавирусот во земјава до 18 април.

„Внимателно ја следиме ситуацијата во која се наоѓаме и во изминатиов период преземаме мерки за организирање на сите наши активности во однос на новонастанатата криза која е на светско ниво. Во таа насока, целата програма на Танц фест 2020, во согласност со интернационалните гости на фестивалот, е репрограмирана и презакажана за есен, односно ќе се одвива во текот на септември, октомври и ноември 2020 година, во различни фази“, вели уметничката директорка Рисима Рисмкин.

За првпат годинава на Танц фест ќе се одржи програмата ФОКУС, која се однесува на американската современа танцова сцена. „Интерарт“ во соработка со својот партнер – Американската фондација „Американ денс аброд“ од Њујорк, една една година ја планираше програмата „ФОКУС: САД“, во која е планирана презентација на три танцови компании.

Програмата годинава ќе се врзе со јубилејот 30 години постоење на современа танцова сцена во земјата, и ќе има посебен блок кореографии посветен на македонските кореографи, кој ќе започне со најновата премиера насловена „Последен пресек“ на кореографката Адријана Данчевска. За првпат ќе може да се види серија претстави со наслов „Експериментален танц“ од повеќе автори од македонската современа сцена, меѓу кои кореографите: Дејан Битровски, Тринга Хиса и Валентино Апостоловски и дебитантите Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески, Тереза Лазарев, Јована Петровска. Во овој дел на програмата ќе се изведе и претставата со која кореографката Рисима Рисимкин, ќе одбележи 30 години кореографско творештво.

На годинешниот Танц фест ќе бидат претставени короеграфии од Австрија, Јужна Кореја, Германија, Русија и Италија.

Рисимкн вели дека од денес до недела, 5 април, на Јутјуб каналот на Скопје танцовиот театар се достапни сите кореографии од нивната продукција кои беа премиерно прикажани минатата недела.