Шест часа останале без вода без никаква најава – граѓаните на Центар револтирани

Најмалку шест часа без вода без претходна најава ќе бидат жителите на булевар „Кочо Рацин“ во центарот на Скопје. Велат дека ова им се случува вторпат за само три дена.

-Со две мали деца денеска треба да се снаоѓаме без вода најмалку шест часа. Кога се јавив во „Водовод и канализацоја“ да прашам зошто во 9 часот снема вода, а во 10 часот се уште нема ми рекоа дека нема кај нив никаков дефект, дека некој од станарите приватно нешто работи и дека сам ја има исклучено водата. Откако исконтактирав со куќен совет, повторно се јавив да им посочам дека сепак има дефект. Оттаму ми рекоа, да има дефект сега се информиравме – вели жител од булевар Кочо Рацин.

На реакцијата на жителите дека не може да ги остават без вода најмалку шест часа без претходно да најават, од Водовод и канализација им одговориле дека не е точно дека не е најавено на нивната бев страница.

-Беше најавено дека без вода ќе остане сосема друга зграда. Во најавата е посочено дека дефектот се однесува за зграда 78. Но без вода се и сите околни згради. Во Водовод ми рекоа дека тоа е исто… Ако не па за секоја најава за прекин на водоснабдување во центар за секој случај да се подготвиме да не снема случајно и кај нас, зошто нели, тоа е исто, Центар е – коментираат револтираните жители.

Жителите од овој дел реагираат дека пред само неколку дена биле 12 часа без вода. Без никаква најава водата била исклучена ноќта, сабота кон недела и вода немало до неделата напладне.

-Не знам проблемите со водата дали се последица на реконструкцијата на булеварот 11 Октомври, но се направи тотален хаос во овој дел. Не ми е јасно зошто не се санираше булеварот за време на полицискиот час заради короната во изминатиот период туку сега во септември, кога почнуваат гужвите. Хаос во сообраќајот се прави уште во 7 часот наутро, свират сирени на автомобилите, станарите не можт ниту да влезат ниту да излезат од паркинг поради гужвата која се создава – додаваат жителите од овој дел.