Шест француски туристи меѓу осумте убиени во Нигер

Група вооружени мажи на мотоцикли во неделата убиле осум лица, меѓу кои шестмина Французи и двајца државјани на Нигер, во југозападната нигерска област Куре, која е дом на последните жирафи во Западна Африка, соопштија официјални извори.

Станува збор за првиот ваков напад врз странски туристи во областа која е популарната дестинација во поранешната франциска колонија, благодарејќи на уникатната популација на западноафриканските жирафи во Нигер.

„Имаме осум мртви: двајца државјани на Нигер, туристички водич и возач, а другите шест жртви се француски државјани“, изјавил за агенцијата AFP Тижани Ибраим Катиела, гувернер на покраината Тилабери.

„Ситуацијата е под контрола, а повеќе информации ќе објавиме подоцна“, додал гувернерот Катиела, баз да наведе поединости за нападот, како и информации за идентитетот на напаѓачите.

„Нападот се случил околу 11,30 часот по локално време, шест километри источно од градот Куре. Повеќето жртви се застрелани, а жената којашто успеала да им побегне на напаѓачите е фатена и заклана. На самото место е најден празен шаржер“, рекол упатен неименуван извор за AFP.

„Не ни е познат идентитетот на напаѓачите, но знаеме дека пристигнале со мотоцикли и го чекале доаѓањето на туристите. Возилото со кое пристигнале туристите ѝ припаѓа на франциската невладина хуманитарна организација Acted“, додал истиот извор.

Грозоморните фотографии од местото на масакрот кои биле на увид на агенцијата AFP прикажувале тела како лежат близу запалено теренско возило, на чиј заден прозорец имало дупки од куршуми.

Пред околу 20 години едно мало стадо задноафрикански жирафи, подвид кој се одликува со својата посветла боја, пронајдоа безбедно засолниште од ловокрадците и граблиците во областа Куре. Денес нивната бројка е во стотици и се главната туристичка атракција, заштитувани од локалното население и активистите за зачувување на дивата природа.

Истовремено регионот Тилабери е многу нестабилен, расположен на границите со Мали и Буркина Фасо. Овој регион стана засолниште за милитантните исламистички групи во областа Сахел. Властите од трите страни на границата од јануари годинава целосно ја забранија употребата на мотоцикли токму за спречување на движењето на ваквите милитанти.