Шест лица се повредени во напад со нож на железничка станица во Париз

Неколку лица се повредени утринава во Париз, во напад со нож на железничката станица „Гар ду норд“.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на Твитер објави дека напаѓач повредил неколку лица на железничката станица „Гар ду норд“ во Париз. Тој додаде дека полициските сили со ефективна и храбра реакција го неутрализирале напаѓачот. Француските медиуми, повикувајќи се на неименувани полициски извори, тврдат дека полицајците отвориле оган врз напаѓачот, кој бил вооружен со нож.

ТВ БФМ објави дека во нападот се повредени шест лица. Нападот се случил нешто пред 7 часот. Напаѓачот е хоспитализиран откако се здобил со неколку повреди од истрели од полицијата.

Полицијата од безбедносни причини ја има опколено областа каде што се случил нападот.

Од железничкиот оператор SNCF велат дека се поставени безбедносни мерки околу местото на настанот, но станицата продолжила да работи иако имало доцнење при поаѓање и пристигнување на возовите.

Нападот се случи еден месец откако три лица беа убиени, а тројца беа повредени во напад на курдски културен центар во Париз.

Станицата „Гар ду норд“ е терминал за многубројни линии што го поврзуваат центарот на градот со предградијата, но, исто така има и национални и меѓународни линии.