Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш соопшти дека Венецуела, Либан, Јужен Судан, Доминика, Екваторијална Гвинеја и Габон го изгубиле правото на глас поради тоа што доцнат со плаќањето на придонесот во буџетот на ОН.
Габон во моментов има претставник во Советот за безбедност кој ќе одработи двогодишен мандат, а одлуката на Гутереш ќе се однесува на неговото право на глас.
Повелбата на ОН наведува дека правото на глас го губат членките чии долгови се еднакви или го надминуваат износот на нивниот придонес за претходните две години.
Генералното собрание има овластување да одлучи дали неплаќањето е предизвикано од фактори кои се надвор од контролата на членката, а ако се, таа држава може да го зачува правото на глас.
Така Генералното собрание одлучи три африкански земји кои доцнат со плаќањето – Комори, Свети Томе и Принсипе и Сомалија – да го задржат правото на глас. На истите држави и минатата година им беше одобрено изземање.
За да го вратат правото на глас, Венецуела во буџетот на ОН треба да уплати 76.244.991 долар, Либан 1.835.303 долари, Екваторијална Гвинеја 619.103 долари, Јужен Судан 196.130 долари, Габон 61.686 долари и Доминика 20.580 долари.