Шестмина загинати во експлозија на автомобил бомба во Сомалија

Најмалку шест лица загинаа, а десетмина се повредени во експлозија на автомобил бомба во централна Сомалија пред хотел каде престојуваат сомалиски воени претставници, соопшти полицијата.

– Поради силните детонации, се искршија прозорците во хотелот „Глобал“ во градот Галкајо, а уништени се и неколку автомобили, изјави претставник на локалната полиција.

Тој додаде дека во хотелот моментално престојуваат воени службеници на Сомалија и команданти на копнените сили и дека никој од нив не е повреден во експлозијата.

Ниту една радикална група досега не ја презеде одговорноста за нападот.

Исламистичкото движење Ал Шабаб, кое инаку е поврзано со Ал Каеда, често спроведува слични бомбашки напади пред хотели во Сомалија.