Шилегов ги обвини обвинителството и инспекторатот за неработење

Надлежниот јавен обвинител денеска до Единицата за економски и компјутерски криминал издаде наредба од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил, со цел тие да бидат обезбедени на законит начин, во рамки на предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола.

На оваа наредба денеска реагираше градоначалникот Петре Шилегов кој упати силни критики кон институциите во врска со случајот со „Еко клуб“ и опасниот медицински отпад кој несоодветно се горел во „Дрисла“.

„Денеска од МВР беше повикан инспекторот да го даде телефонот на којшто се снимките. Снимките веќе не се наоѓаат во тој телефон. За мене како прв човек на градот во кој се случува ова, е целосно неприфатливо однесувањето на двете институции, Јавното обвинителство и Државниот инспекторат за заштита на животна средина. Бидејќи снимањето на инспекторот било забележано од чуварските служби, веројатно на 11-ти се исчистило сѐ, и баш на 12-ти е направен вонреден надзор и издаден е документ дека се било во ред. Одговорен обвинител веднаш бара од истражен судија налог и врши запечатување на таа инсталација. Да сум им јас претпоставен, ниту обвинителката ќе беше денеска обвинителка, ниту инспекторот денеска ќе беше инспектор“, рече Шилегов.

Големи пари, како што рече во продолжение скопскиот градоначланик, бил мотивот за да се манипулира со третманот на медицински отпад.

„За килограм медицински отпад, лиценцираните фирми им наплатуваат 500 денари на здравствените установи и болници. Во цената спаѓа подигање и обработка на отпадот. Тоа подразбира еден час термичка обработка и стерилизирање на високи температури за што се трошат 130 киловат часови за еден час работа. Потоа може да се однесе како комунален отпад. Од друга страна, депонирањето на комунален отпад чини 680 денари за еден тон. Видете колкава е разликата во цена и тука ќе најдете мотивите за ваквото работење – објасни денеска градоначалникот.

Шилегов побара надлежните органи одговорно да си ја одработат работата .

„Уживам кога гледам како се обидуваат да ја одбегнат одговорноста и Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство, наместо да си ја признаат вината, и да си ја сработат работата за која што ги плаќаат граѓаните. Мислам дека тука има и сериозна одговорност кај надлежните луѓе кои што треба да го разгледаат овој предмет. Снимките се направени на 10 декември вечерта, во ЈО се однесени на 13, бидејќи јас во меѓувреме дојдов од службен пат и ги видов снимките. Случајот е пријавен со изјава на Мирослав Богдановски кај надлежната обвинителка и покажани и се снимките. Таа повика полиција и излегле на лице место со градскиот инспектор. Потоа градскиот инспектор е ослободен и од него не е побарано ништо. Од него не биле побарани доказните материјали, само бил извршен увид. Од тогаш до крајот на јануари немаме допирна точка со ЈО, ниту сме информирани ни знаеме како се постапува, се до пресот во вторникот“, рече Шилегов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.