Шилегов и скопските власти не преземаа ништо против загадувањето на воздухот, граѓаните се гушат

Екстремно големото загадување на воздухот, на почвите, на водите не е само прашање за животната средина, тоа е прашање поврзано со здравјето на луѓето, тоа е прашање поврзано со иселување на младите,  тоа е прашање кое што е поврзано со достоинството на животот на луѓето. Околу 3.500   граѓани во Македонија умираат како последица од загадениот воздух, вели Даме Димитровски, експерт за животна средина на денешната трибина „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“.

Додаде дека не е прв пат да се зборува за решавање на проблемот со загадениот воздух, иако претходно се зборувало за стратегии и планови за намалување на загадениот воздух ништо не се реализирало.

„И досега се зборуваше и се промовираа планови и мерки, но гледано од експертска страна ќе кажам дека најголем дел од овие планови не се остварија, најголем дел од мерките не се реализирани, а дури и поголемиот дел од мерките, плановите, стратегиите коишто се прикажуваа во јавноста се целосно заборавени“, смета Димитровски.

Посочи дека во главниот град, скопјани и покрај тоа што постојано се жалат на загадениот воздух, ниту Инспекторатот на Градот Скопје, ниту пак инспекторатот за животна средина немаат слух да го решат овој проблем и да се спротивстават на загадувачите.