Шилегов има визија за Скопје како зелен град

Градоначалникот Петре Шилегов вчера присуствуваше и се обрати на отворањето на Share конференцијата во Скопје, во Националната филхармонија.

-Овој форум на архитекти и инженери е од исклучително големо значење за нашиот град заради можноста за размена на искуства и идеи од областа на архитектурата и градежништвото како основен предизвик за секој современ град. Оваа конференција е особено важна за нас како локална власт и заради отпочнувањето на процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје 2022-2032 е уште еден предизвик кој верувам дека ќе биде инспирација за многу дискусии и во рамките на оваа конференција. Имајќи предвид  дека станува збор за еден сложен и сеопфатен процес во подготовката на новиот ГУП на Град Скопје повеќе од потребна му е поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и од граѓаните како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа, рече Шилегов.

Тој додаде дека од позиција на градоначалник се залага за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард.

-Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето на чиста и здрава животна средина. Како градоначалник во повеќе наврати нагласив дека ќе се залагам Скопје да се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот.Верувам дека до 2022 година, кога истекува важноста на постоечкиот ГУП, имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Оттука верувам и дека ќе се отворат можности со новиот ГУП да обезбедиме и услови да се продолжи со деталното планирање на градот на начин што сериозно ќе го унапредува квалитетот на живот на нашите сограѓани, кажа Шилегов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.