14.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Шилегов како опозиционер го „гушкаше“ скопски Трговски, како градоначалник го нагрдува

Оваа грдосија зад мене, за жалм е новото „ремек дело“ на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за скопјани. Ова куп железо зад мене е директно нарушување на архитектурата на Градскиот Трговски Центар,изјави во понеделникот Ирена Попова советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Попова посочи дека и архитектите и уметниците, но и самите скопјани се сосгласни  дека оваа градба на Шилегов го нарушува ликот на Градскиот Трговски Центар.

„Значи имаме еден Петре Шилегов кој во опозиција го гушка ГТЦ, и друг Петре Шилегов кој кога е власт со куп железо го нагрдува истиот Градски трговски центар. Наместо целосна реконструкција, Шилегов си експериментира со ГТЦ. Трговскиот за Шилегов е добар само за неговите бизнис интереси. Ќе потсетам, со овој куп железо, на една осмина од трговскиот, на кровот направи зелено катче кое прокисна, но не заборави да изгради ресторан кој по реакцијата на јавноста никогаш не се доврши“, рече Попова.

Оцени дека не станува збор за никаво архитектонско решение, туку го открива „талибанскиот“ карактер на Шилегов, чија „неизживеаност“ скапо ги чини скопјани.

„Од друга страна во исто време кога се нагрдува ГТЦ, за време на полициски час среде центарот на Скопје се вадеа канделабри, и тоа во ек на корона пандемија од страна на целосно незаштитени работници. Бараме итно да се запре градбата на оваа грдосија зад мене, и план за спас на Градскиот Трговски Центар од фикс идеите и неиживеаноста на Петре Шилегов. Како Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека најпаметното нешто што Шилегов може да го направи за спас на Скопје, и да ги спаси скопјани од него е да си поднесе оставка“, истакна Попова.