Шилегов: Побарав од Беџети да се сруши најновата дивоградба на Матка

73

Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје, не негира дека побарал од неговиот колега, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, да биде урната една од дивите платформи на Матка.

Шилегов истакнува дека за таа цел го повикал градоначалникот Беџети во неговиот кабинет и побарал да се сруши платформата која што била започната да се гради годинава, а за која градоначалникот на Сарај тврдел дека е постоечка и дека се врши реконструкција.

„Всушност, реакцијата на јавноста, реакцијата на скопјани, беа токму за градењето на таа предметна платформа, а гледам дека се проширува. Поради тоа го повикав Беџети кај мене во кабинет и од него побарав предметната платформа да биде предмет на рушење. Тој изјави дека и останатите две се дивоградби. Ние немаме никакви ингеренции за дивоградбите, каков е статусот на останатите две платформи во езерото Матка ми е непознат. Тогаш како градоначалник на Скопје изреагирав на тоа што сите во тој момент реагираа“, вели Шилегов.

Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети денска обвини дека врз него се вршело притисок за да се урне само една од трите платформи на Матка, со цел да се замачкаат очите на јавноста

На почетокот на февруари годинава, медиумите објавија дека на Матка никна нова платформа. Тогаш, скопскиот градоначалник Шилегов рече дека жали што Град Скопје нема ингеренции да ја сруши дивоградбата во Сарај. Градоначалникот на Сарај не ја урна платформата оти било поднесено барање за легализација и уште не е завршен предметот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.