Шилегов сака да ја тргне јужна обиколница од ГУП-от за да го заштити Водно

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов е уверен дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот.

– Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација. За пример ја земам таканаречената јужна обиколница која според моето мислење, но и според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзиното пробивање е потребно да се уништи добар дел од Водно. Сакам да нагласам дека до 2022 година истекува важноста на постојниот ГУП. Имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг – нагласи Шилегов.

Денеска градоначалникот Шилегов побара поддршка од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Повеќе од потребна е поддршка не само од Министерството, туку и од поширок круг стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и од граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа. Претходниот ГУП на град Скопје е усвоен во 2012 година. Од тогаш до денес се извршени многу парцијални измени во просторот, што главно се однесуваа на измени на програмите и локациите за одредени содржини – рече Шилегов.

Тој се залага за рационално, контролирано и флексибилно ширење на Скопје.

– Во мојата визија, Скопје го гледам како зелен град со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина – рече градоначалникот Шилегов, по работната средба со Сугарески

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.