Шише коњак од 1762-та продадено за 144.000 долари

Едно од најстарите зачувани шишиња коњак „Maison Gautier“, произведено во XVIII век пред Големата француска револуција, беше продадено во четвртокот на наддавање на аукциската куќа Sotheby’s во Лондон за 118.500 британски фунти, односно 144.500 американски долари.

Како што соопшти Sotheby’s, шишето коњак од 1762 година стана „најстарата гроздова ракија, кој некогаш е продадена на аукција“. Пред наддавањето се проценуваше дека експонатот ќе достигне цена меѓу 80.000 и 160.000 фунти.

Аукциската куќа, исто така, додава дека коњакот бил флаширан во 1840-ти години.

Според специјализираниот магазин Decanter, 0,7-литарското шише продадено на онлајн аукцијата е познато под називот „Grand frère“ (Поголемиот брат) и е најголемото од трите последни шишиња на произведувачот „Gautier“ од 1762 година зачувани до денешни дни.

Најмалото шише од оваа серија, наречено „Petite Soeur“ (Сестричка), во моментов е изложено во винската куќа „Gautier“ во градот Коњак, во департманот Шарант, каде сите три шишиња со поколенија се чувале во едно исто семејство од крајот на XIX век.

Шишето со средна зафатнина, наречено „Petit Frère“ (Братче) беше продадено на наддавање во Њујорк во 2014 година за сума од 48.000 фунти.

Семејството кое претходно ги поседуваше сите три шишиња сакало да остане анонимно, а новиот сопственик на најголемото шише е анонимен колекционер од Азија.