Шкотска ќе губи по 11 милијарди фунти годишно поради независноста

Економијата на Шкотска ќе загуби најмалку 11 милијарди фунти годишно доколку стане независна држава. Тоа е повеќе од двојно поголема штета предизвикана од Брегзит, предвидува тим економисти, пишува лондонскиот весник „Гардијан“.

Во извештајот на Лондонската школа за економија и на Градскиот универзитет во Хонгконг се наведува дека напуштањето на заедничкиот пазар на Велика Британија ќе ја погоди шкотската економија два до три пати повеќе од напуштањето на ЕУ. Влијанието врз трговијата со Велика Британија и ЕУ ќе ја намали шкотската економија долгорочно меѓу 6,3 и 8,7 отсто. Тоа е еквивалентно на загуба меѓу 2.000 и 2.800 фунти по глава на жител годишно. Населението во Шкотска изнесува речиси 5,5 милиони луѓе, а загубите ќе бидат меѓу 11 и 15,4 милијарди фунти.

За Шкотска ќе биде малку подобро доколку влезе во ЕУ отколку да остане надвор од Унијата и од Велика Британија, но ќе биде исклучително тешко за трговијата на ЕУ да ги надомести загубите кога ќе престане да тргува со Велика Британија.

Британија е најголемиот и најважен трговски партнер на Шкотска. Шеесет и еден отсто од извозот на Шкотска и 67 проценти од увозот се поврзани со Велика Британија, што е околу четири пати повеќе од трговијата со ЕУ. Независноста ќе ги зголеми трговските трошоци со останатиот дел на Велика Британија за 15 до 30 проценти.