Шкотскиот суд го отфрли обидот да се спречи суспендирање на британскиот Парламент

Судот во Единбург денеска одби да го спречи британскиот премиер Борис Џонсон да го суспендира Парламентот неколку недели во периодот пред датумот на излегување на Велика Британија од ЕУ на 31 октомври, со што пропадна првиот предизвик на одлуката на премиерот за суспензија на Парламентот.

Одлуката на највисокиот шкотски граѓански суд претставува удар за група пратеници од неколку партии кои бараат да се продолжи периодот за парламентарна расправа за да се спречи хаотичен распад меѓу Велика Британија и Европската унија.

Во тек се уште две правни постапки во однос на ова прашање, од кои едната е во Северна Ирска, а втората во Лондон.

Поранешниот британски премиер Џон Мејџор бара да се приклучи на постапката во Лондон и да изнесе аргументи против суспендирањето на Парламентот.

Мејџор денеска рече дека бара правна дозвола за да се приклучи на случајот што го покрена активистката Џина Милер со намера да го спречи Борис Џонсон да го суспендира Парламентот на неколку недели.