Шкупи ја совлада Шкендија, кикс на Струга во ПМФЛ

Во дербито на 17-тото коло во ПМФЛ, Шкупи во Кичево ја совлада Шкендија додека лидерот на табелата Струга се спаси од пораз во Кавадарци со гол постигнат во самата завршница од натпреварот.

Актуелниот шампион Шкупи триумфираше против Шкендија од Тетово со 2:0, а стрелци на погодоците беа Фреди Алварез во 36-тата и Кристијан Трапановски во третата минута од судиското надополнување.

Со оваа победа тимот од Чаир дојде на само еден бод негатива во однос  на Струга која во дуелот против Тиквеш одигра нерешено 1:1. Кавадарчани поведоа со голот на Александар Мишов во 43-тата минута, а израмнувачкиот гол беше дело на Валентин Кочоски.

Академија Пандев ги освои трите бода на гостувањето против Македонија ЃП. Струмичани до победата стигнаа со погодокот на Михеили Ергемилидзе во 74-тата минута.Значајни бодови во трката за опстанок во елитното друштво освои Работнички откако на гостувањето во Прилеп ја совлада Победа со 2:0.

Составот на Милан Илиевски поведе со голот на Дејан Ѓуриќ во 14-тата минута, а конечниот резултат го постави Крсте Велковски во претпоследната минута од средбата. Мрежите викендов мируваа само во Штип на натпреварот меѓу Брегалница и Скопје.