Шлеперот и жабата на комуњарите на Црвенковски

109

Има една сорта луѓе во Македонија која никако да прежали дека ја прегазило времето. Што би рекол нивниот гуру, Бранко Црвенковски, како шлепер жаба. И, денес, оставени како мрсулаво дете на патот, чии другарчиња заминале да играат во соседната улица, немаат ништо друго, освен во стилот на некадарни петлиња да се задеваат со другите. Не си ја гледаат својата мака, туку, ете, се препелкаат пенавејќи се со надеж дека некој ќе ги шутне за да можат потоа да плачат и да се жалат дека биле репресирани и неслободни. По скопските маала таквите обично ги викаат со еден збор, кој денес не смее да се употреби оти ќе си ги закачите на врат некаквите си борци за хомосексуалност, па ќе треба и со нив да се расправате. А со тоа ќе му забележите и на американскиот амбасадор, оти и овие, „борците“, едвај чекаат некој да ги „клоцне“ за да можат да побараат азил. Во земјата на Сноуден, Менинг и, разбира се, Трејвон Мартин.

На таквите денес не можете ЕУ и САД да им ги извадите од уста, а во деведесеттите години на минатиот век ги проколнуваа оти мислеа дека тие им го растураат нивниот убав сон за Југославија како братска заедница на народите и народностите. Денес знаат и на карта да го најдат Брисел, а тогаш не знаеја ништо подалеку од неврзаните, од Белград и Лусака. Денес зборуваат за демократија, а тогаш проколнуваа што мора да ја трпат ВМРО, која во нивната измиена глава со шампон од „Сапонија Осиек“ или „Здравје Лесковац“ (да се користи нешто од тогаш општествениот „Алкалоид“ беше рамно на национализам, шовинизам и сепаратизам) отсекогаш било синоним за Ванчо Михајлов. Се продаваа за елита на тогашната ни македонска држава, а вени сечеа таа да остане во Југославија. Не можејќи патем да поднесат кога нивната интелектуалност не беше способна да се справи ниту со Змејко „свињарот“ и Митко „врапчето“, а за други и да не зборуваме. Типови како Александар Флоровски за нив веќе беа Стив Хобкинс. Во 1993 година за потребите на Киро Глигоров и Бранко Црвенковски го научија зборот компромис, без некој да им каже дека и Невил Чембрлен во 1938 година постигнал компромис со Хитлер, па со тоа наместо да ја затвори, ја отвори вратата за Втората светска војна. Таков шарлатан (или хохштаплер, кој како сака) тешко дека земјата и „мудрата“ британска дипломатија повторно ќе родат, но ете и тој си имал неколку џеба во кои чувал вакви мудреци. Хрватска и Фрањо Туѓман им беа усташки творби, а Слобо Милошевиќ и Бора Јовиќ ненадминати умови на југословенските народи и народности (по другарите Тито и Кардељ, нормално), а денес истата таа Туѓманова творба им е репер за демократија. Во 1994 година ударнички го покриваа фалсификатот како луѓе со слободна мисла, кои се независни од политичките партии, нели, а денес, врескаат за фалсификат при секоја вишок цртка на гласачките ливчиња. Истата година немаа проблем со убивањето во Тетово, за десетина години подоцна истиот тој универзитет да го слават како месијански подарок на државата. Борис Трајковски им беше „дибек“ во 1999 година поради кого ВМРО морал да ги фалсификува изборите наспроти нивниот Тито Петковски, а малку подоцна кога се опкружи со Бранковите комуњари, да стане политичар со педигре. Ја сакаа Кина како да им е родена кога тогашната македонска влада одработуваше за Американците и влезе во тајванската авантура, а денес ја мрзат од дното на душата, не дека е комунистичка, туку дека им го превиткува стомакот, им го сече на две кога размислува дали да вложи некој јуан или долар во Македонија.

Повторно се родија во 2002 година кога уште еднаш поверуваа оти имало Господ. За нив и за некои други, на пример, за независните портпароли на СДСМ, не и за Диме Поштарот. Молчеа кутрите денешни борци за слобода, не за друго, туку затоа што тие се разбираат од човековите права. Тие, гавазите на ЦК на СКМ, па на СКМ-ПДП, па на СДСМ, сега знаат што е ЕУ, а што Русија, тие знаат каква демократија се САД, Клинтон, Буш, Обама, наспроти некој диктатор како Јосип Броз. Или, на пример, Лазо. Кои, ако ги слушате нив, вода може да му носат на Груевски. Две години подоцна, во секоја пригода, па и меѓу две добро испечени ребра, дополнително натопени со нивните лиги, молчеа како устите да им се залиени со италијански мафијашки бетон кога невработеноста стигна до речиси 40 отсто за денес да посакуваат самозапалувања за десет отсто помалку. Потрошија уште две години во фрлање рози по патиштата за во 2006 одново да паднат во кома, ама со надеж дека македонскиот Тито ќе ги спаси, ќе го урне нивниот смртен непријател, како што тоа се обиде да го направи Циле во играта со Љубчо.

Денес, седум години по почетокот на неуспешната мисија на нивниот Тито, пет години по Букурешт и по изборите на кои наместо „војводата“ Тачи, беше инсталиран мирољубецот Ахмети, неколку години по претседателските избори и по мракот на заљубениот во законот и во плаќањето данок, Велија Рамковски, две години по предвремените парламентарни избори, на кои глупавиот македонски народ одново не ги чу нивните лелеци за борба против режимот и само неколку месеци по локалните избори, овие подлизурковци повторно имаат проблем оти не се малку седум години ВМРО да си игра со нив, седум години ВМРО со нив да пишува извештаи и да ги третира како досадна мува при попладневна дремка, која наместо да застане на трошките што ч се оставени на масата, упорно бара внимание брмчејќи околу главата. А толку би сакале како во старите добри времиња да бидат повикани во „ЦК“, да кажат нешто и да бидат чуени, да се чувствуваат моќни и значајни, па за да се наметнат, блујат наоколу мислејќи дека сите други се како нив и дека им го земаат местото во панталоните на Груевски. А тоа, се чини, е слободно. Ете им го, нека си го земат! Ама не разбираат оти одамна веќе ни за тоа не ги сакаат. Дека нивните странски и домашни газди им намениле уште една-две револуции, ама не за да победат, туку за да ги остават да изгинат. Оти нивната сила, во тоа досега се увериле, е како киселиот сок во желудникот. Корисен е донекаде, ама кога ќе претера, му се дава лажичка сода бикарбона, која чини помалку и од еден денар.

Ах, да, и тоа што некако најмногу на таквите им пречи е лустрацијата. На поранешните Југословени одеднаш им стана многу битен македонскиот национален идентитет. Демек прочитале и тие некоја книга. Некогаш. И сега знаеле дека идентитетот ќе се урнел ако биле откриени кодошите на тајната полиција. И „умираат“ по лустрираните оти на жртвите на кодошите не им фалело ништо. Голема работа, малку биле следени, малку затворани, а овие другиве во меѓувреме малку станеле академици, директори и којзнае што уште не. Во секој случај, угледни членови на нашето идилично општество разурнато во деведесеттите од свињарот, врапчето и од усташот. Под команда на оној, за нив лудиот, што сега им е сојузник, а што на времето кршел кога ќе подивел. И под команда на неговата марксистка, која подоцна им стана омилена друшка. Па запнале луѓето да го бранат Голи Оток, небаре се работи за нивната глава. Што води кон Тома Аџиев, кој можеби е во право кога вели дека оние другите од МАНУ, нелустрираните, не се бунат за колегите, туку за нивните фотелји. Сфатете го тоа симболично, додајте ја мувата на капата и ја имате целата слика.

Ама мувата е една работа, времето друга. Тој што не го сфаќа тоа, дејствува како оној од една српска поговорка, според која, на килавиот сж му пречи. А тоа е веќе загрижувачки. Онака од човечки аспект. Од аспект на човековите социјални права гарантирани со Уставот. Тој на РМ. Не на Самарас и на Златна зора.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.