Шојгу соопшти дека загинале 7.000 украински војници во три седмици

Во текот на последните три седмици, во кои Киев и Западот тврдат дека украинските сили оствариле значителни напредувања на источното боиште, убиени се повеќе од 7.000 украински војници и уништени се 970 единици воена опрема, изјави во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојгу.

„Како резултат на воените удари само за последните три седмици уништени се повеќе од 7.000 војници и 970 единици воена опрема. Од тоа 208 тенкови, 245 пешадиски борбени возила и 186 други оклопни возила, 15 авиони и четири хеликоптери“, соопштил Шојгу на колегиумот на руското Министерство за одбрана, набрзо откако во Русија беше објавена делумна мобилизација на 1 отсто од целиот резервен воен состав кој изнесува околу 25 милиони, односно на 300.000 резервисти.

Иако официјално не е соопштена бројката на украинските војници кои се ангажирани во противофанзивата, руските воени аналитичари и тамошното министерство за одбрана повикувајќи се на разузнавачки извори, наведуваат дека станува збор за 40.000 припадници на украинските сили, всушност се активни војници на земјите членки на НАТО кои наводно се пензионираат и се упатуваат како „доброволци“ на боиштетот во Украина.

Руското министерство за одбрана претходно деновиве објави дека дури 80 отсто од оружјето кое последниот месец го користи Украина во протовофанзивата е од западно производство, за кое не се обучени украинските војници, а со кое се убиваат цивилите во Донбас.

Претходно во телевизиското обраќање поради мобилизацијата, Шојгу рече и дека руското Министерство за одбрана има податоци дека Украина бележи 61.207 загинати и 49.368 ранети војници од почетокот на војната.

Шојгу ги отфрли како пропаганда тврдењата на Киев и Западот дека Русија претрпела тешки загуби и потврдувајќи ја бројката од 5.937 загинати војници рече дека 90 отсто од ранетите руски војници се вратиле на боиштето. Пентагон, на пример, во август објави дека меѓу 70.000 и 80.000 руски војници се убиени или ранети во Украина. Според претходните процени на Вашингтон дека 110.000 руски војници влегле во Украина.

Шојгу на состанокот во министерството известил дека се запрени обидите за напредување на украинскиот сили во правецот Николаево – Криви Рог, како и дека борбената групација од Изјум и Балаклеја била повлечена со цел да се засили тековната офанзива со која проруските сепаратистички и руски трупи настојуваат што поскоро да ги потиснат украинските единици надвор од административната граница на Доњецк до 2014 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.