Шолц ја повика Кина да влијае врз Русија и завршувањето на војната и отфрли брзи мировни преговори

Германскиот канцелар Олаф Шолц во текот на обраќањето во Бундестагот во четвртокот кое го посвети на годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина, ја повика Кина да влијае врз Москва да ја запре војната, меѓутоа ги отфрли повиците на итни брзи преговори меѓу завојуваните страни.

„Искористете го своето влијание во Москва за да го забрзате повлекувањето на руските единици. И не му испраќајте оружје на агресорот Русија“, неодредено изјави Шолц во германскиот парламент ден по неговиот говор во кој најави драстична промена во воено-безедносната и надворешна политика на Германија обидувајќи се тоа да го оправда со наводната „руска опасност“.

Шолц го пофали кинескиот претседател Кси Џинпинг дека „се спротистави на сите закани со нуклеарно оружје во војната во Украина“, што како што тврди сосема спротивно од сите реални показатели, довело наводно до деескалација на судирот.

Но Шолц истовремено изрази „разочараност“ од фактот дека на последниот самит на министрите за финансии на земјите од Г20 во Индија, Кина заедно со Русија го спречија објавувањето на заедничката изјава која ја подготвија западните земји и во која требаше да се осуди „руската агресија“, како што тоа го стори и една година претходно на самитот на челниците од Г20 на индонезиски Бали.

Германскиот канцелар во својот говор, сепак, се зазема за воено решение на судирот во Украина, отфрлајќи ги повиците на брзи мировни преговори меѓу Москва и Киев.

„Со оружје крај перницата не може да се преговара, единствено за сопственото покорување“, рече Шолц и истакна дека „не смее да има“ никаков мировен договор кој би одел „на штета на Украинците“ или кој „би бил склучен без одобрување на Киев“, но германскиот канцелар не навести која би била таа страна којашто би потпишала мировен договор со Москва без учество на украинската власт.

Шолц истовремено оцени дека „ништо не укажува“ дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да преговара за „праведен мир“.

„Да се создаде мир тоа значи и решително да се спротистави на агресорот и неправдата. Наметнатиот мир против волјата на жртвата не е прифатлив, не само од морални причини, туку затоа што предвид мора да ја имаме и благосостојбата на својата земја и безбедноста на Европа“, рече Шолц ветувајќи ѝ на Украина продолжување на поддршката.

Шолц, исто така, тврдеше и дека се стабилизирало снабдувањето со гас и покрај прекинот на испораките од руски гас и рече дека „не се оствариле црните прогнози за насилното исклучување на гасот за индустријата и домаќинствата“.

„Ништо од тоа не се оствари, ни добро минавме низ зимата и тоа без рускиот гас“, рече Шолц и додаде дека во резервоарите со гас „сѐ уште се доволно полни“ за да може „опуштено да се гледа на следната зима“.

Опозицијата во Бундестагот го критикуваше фактот дека досега од ветениот од пред точно една година фонд од 100 милијарди евра за зајакнување на германската армија Бундесверот, не е издвоено ништо.

„Трошоците за одбрана не само што не се зголемија, туку и се намалија“, изјави челникот на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU), Фридрих Мерц во реплика во Бундестагот.

Мерц го повика Шолц „конечно да го исполни ветувањето“ и да го зголеми воениот буџет соодветно на правилата на НАТО, односно на над 2 отсто од бруто домашниот производ на земјата.