Шолц им порача нa Германците дека нема да има недостиг од гас, но дека ќе биде поскап

Германскиот канцелар Олаф Шолц им вети на сонародниците во четвртокот, на првата конференција за медиумите по летната пауза, целосна поддршка во врска со инфлацијата и растот на цените на енергенсите и есенва и зимава, и потврди дека Германија ќе продолжи да ја помага Украина.

„Ќе сториме сѐ за граѓаните да минат низ овие тешки времиња. И затоа владата поради претстојните мерки е решителна есенва да донесе нови за да ги растовари граѓаните“, рече Шолц пред акредитираните новинари во Берлин.

Канцеларот оцени дека „Германија живее во тешки времиња“, како и дека ќе се најде пред искушенија, но дека не очекува дека растечките цени на енергенсите ќе доведат од социјални безредија.

„Не верувам дека ќе дојде до социјални немири и тоа поради тоа што Германија е социјална држава“, рече Шолц и додаде дека државата „никого нема да остави на цедило“ имајќи ги предвид во прв ред граѓаните со пониски приходи.

Германскиот канцелар, исто така, изјави дека неговата влада се соочува со проблеми во врска со снабдувањето на енергенсите кои делумно се и резултат на одлуките на претходните германски влади.

„Во минатото носевме одлуки во врска со откажувањето од јагленот како енергенс за производство на електричната енергија, како и од атомските централи, но истовремено не ја дефиниравме брзината на модернизацијата на индустријата со цел да премине на обновливи извори на енергијата“, реле Шолц кој беше и министер во последните две влади на Ангела Меркел.

Истовремено истакна дека нема да има недостиг од гасот, меѓу другото и поради се поголемото свртување кон течниот природен гас (LNG) како надомест за природниот земен гас од Русија.

„Гасот ќе биде поскап, но ќе го има доволно“, уверуваше Шолц.

Се заложи за изградба на гасовод од Португалија преку Шпанија и Франција до централна Европа за Европската унија да се одвои од енергетската зависност од Русија.

„Таквиот гасовод сега значително би ни го олеснил снабдувањето“, додаде Шолц пред новинарите без да влегува во процени дали тој би имал доволно капацитет да ги замени сегашните количества испораки од Русија.

Шолц рече дека за ова прашање зборувал со челниците на Шпанија, Португалија, Франција и Европската комисија во Брисел, и дека „силно лобирал“ за воспоставување на таков проект.

Германскиот канцелар, исто така, се осврна и на војната во Украина и истакна дека Берлин и натаму ќе му помага на Киев. Истовремено се изрази скептично за барањата на руските државјани да им се забрани влегувањето во Европската унија.

„Тоа е војна на (рускиот претседател) Владимир Путин и затоа би имал проблеми со тоа да ги казнам сите Русија… Натаму ќе бидат спроведувани санкции против поединци кои го поддржуваат рускиот напад врз Украина“, рече Шолц повторувајќи ја стратегијата за персонализирање на украинската војна во рускиот челник.