Шолц: Путин нема да ѝ наметнува мировни услови на Украина

Русија нема да биде воен победник а условите за каков и да е мировен договор не смее да ги наметнува рускиот претседател Владимир Путин, изјави во четвртокот германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Путин сериозно ќе разговара за мирот само доколку сфати дека не може да ја скрши одбраната на Украина. Нема да има диктиран мир. Украина тоа нема да го прифати, а нема ниту ние“, тврдеше Шолц во говорот на Светскиот економски форум во швајцарски Давос.

Германскиот канцелар, исто така, во својот говор тврдеше дека е убеден дека „Путин нема да победи во војната со Украина“, како и дека Русија „веќе доживеала неуспех по прашањето на стратешките цели“ без да конкретизира какви биле вистинските намери на Москва, освен декларираните за „демилитаризација и денацизација“ на Украина.

„Цената на војната е енормна и таа расте секој ден за Путин и за неговиот апарат“, убеден е Шолц.

Шолц во својот говор ниту се осврна на барањата на Киев за испораки на уште повеќе тешко вооружување, и покрај повторно повторените барања на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Давос во средата.