Шпан: До крајот на зимава сите ќе се вакцинираат, ќе прележат или ќе умрат од Covid-19

153

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан апелираше до сонародниците да се вакцинираат против коронавирусот, порачувајќи дека до крајот на зимата секој во Германија ќе биде вакциниран, ќе прележи или ќе умре од Covid-19.

„До крајот на оваа зима сите во Германија ќе бидат вакцинирани, оздравени или мртви“, изјавил министерот за здравство Јенс Шпан на прес-конференција во понеделникот, пренесува BBC.

Во Германија околу 79 отсто од возрасното население е вакцинирано против Covid-19, а властите истакнуваат дека коронавирусната болест во четвртиот бран од епидемијата им се заканува на болничките капацитети на земјата.

Стапката на заразените е највисоката од почетокот на пандемијата, а здравствените стручњаци предупредуваат дека овој бран ќе биде најлошиот досега.

Референтниот Институт „Роберт Кох“ и во понеделникот објави нови рекордни вредноста на новозаразените со коронавирусот. Во последните 24 часа биле потврдени 30.643 новозабилени и 62 починати, а седумдевната инциденца за целата земја скокнала на 386,5 на 100.000 жители.

Меѓу сојузните покраини со највисоки бројки е Саксонија, која има седумдневнa инциденца од 960,7 случаи на коронаинфекции на 100.000 жители, објавија властите во понеделникот.

Наскоро во цела Герамнија на сила ќе стапи таканаречениот пропис 2G, според кој невакцинираните ниту со негативен тест нема да можат да влезат во угостителски објекти, музеи, театри и слични институции. Повеќето традиционални божикни панаѓури, како и минатата година, се откажани.

Министерот Шпан во понеделникот, исто така, истакнал дека се противи на законската обврска за вакцинирање против Covid-19, но дека „морална обврска“ е да се вакцинира.

„Слободата значи и одговорност, а постои должноста за вакцинираност кон општеството“, рекол Шпан.

Според него, позаразната делта варијанта на коронавирусот е одговорна за последниот епидемиски бран, а секој кој не е вакциниран „во текот на следните неколку месеци ќе биде заразен и ќе му фали заштита“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.