Шпанија ја продолжи вонредната состојба до 26 април

22

Долниот дом на шпанскиот Парламент  денеска го одобри барањето на владата за продолжување на вонредната состојба до 26 април заради ширењето на коронавирусот, пренесоа светските агенции.

Седницата на парламентот се оддржа во практично празна сала, бидејќи  над 300 пратеници гласаа преку видео врска. По секој говор на присутните пратеници се вршеше дезинфекција на говорницата. Рестриктивниот режим на однесување владата го воведе на 14 март со рок на важење од 15 дена. За неговото продолжување потребно беше одобрение од пратениците.

Парламентот денеска по вторпат го продолжи времетраењето на вонредната состојба. Шпанските власти ваква мерка донесуваат по вторпат во својата историја. Првиот пат тоа беше во 2010 година за време на штрајкот на на контролорите на летање.

Вонредната состојба на властите им овозможува да го ограничат движењето на луѓето во целата земја, освен во случaи на итна потреба. Сите кафани, барови, ресторани, училишта и факултети, паркови, спортски сали се затворени. Работат само продавниците за храна, аптеките  и болниците.

За прекршување на рестриктивните мерки може да се наметне парична казна. Според податоците на Министерството за внатрешни работи од почетокот на вонредната состојба се приведени над 3.700 прекршители.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.